Платформа за упис на кандидатите

Нови технологии во изборниот процес

Едно од најсуштинските задолженија на телото за управување на изборите е да врши упис на кандидатите за изборите. Тоа подразбира проверка на кандидатите дали ги исполнуваат сите законски барања, како и оверување на податоците, така што сите информации да бидат точно внесени и доследни низ сите материјали, од објавувањето на листите преку гласачките ливчиња, преку извештаите од изборните резултати, па сè до прогласувањето на конечните резултати.

ИФЕС, преку проектот за „Поддршка на изборниот процес“, финансиран од Швајцарската агенција за соработка/СДЦ, осмисли и во дело спроведе онлајн платформа за кандидирање. Платформата придонесува за тоа изборниот процес да стане поефикасен и поефективен по пат на воведување на нови технологии.

Годинава за прв пат, политичките партии, коалициите и/или групите граѓани имаа можност да ги достават своите кандидатски листи преку оваа платформа. Со тоа ѝ се помогна на Државната изборна комисија да ги исполни новите амандмани во Изборниот законик (февруари 2020 година), имено, благовремено и поефикасно да бара, прима и проверува информации за секој од кандидатите од различните државни институции.

Воведувањето на новите технологии во изборниот процес не само што го подобрува спроведувањето на изборите, туку ја зголемува и нивната транспарентност и го приближува процесот до самите граѓани.

Платформата за упис на кандидатите е достапна онлајн, како готова и лесна за користење алатка којашто ги анализира листите преку различни филтри и вкрстени проверки.

Платформата за упис на кандидати е достапна и на македонски и на албански.

За да пристапите до платформата, Ве молиме посетете ја интернет страницата на Државната изборна комисија: https://www.sec.mk/; или преку директната врска до платформата: https://candidatelist.sec.mk/